Црвен крст им додели признанија на најзаслужните крводарители во Охрид

Црвениот крст го одбележува 17 ти март, Денот на крводарителството во Р.Македонија и Денот на Црвениот крст на Р.Македонија. По тој повод денес во просториите Црвен крст Охрид, се одржа свеченост, на која беа доделени признанија на најзаслужните крводарители.

„Задоволство ни е да кажиме дека минатата 2016 година, на ниво на Македонија, Програмата за крводарителство е надмината, значи собрани се 55.100 единици крв, а според Програмата потребни се 55 илјади единици за задоволување на потребите на здравствените установи. Секако дека голем придонес имаат 35-те Општински организации во Р.Македонија меѓу кои е и Црвениот крст Охрид, кој што со своите преку 15 редовни и вонредни крводарителски акции во 2016 година допринесовме да ги задоволиме потребите од крв и крвни продукти за здравствените установи во Охрид, но и пошироко.“- изјави Сашо Точков, претседател на ОО на Црвен Крст Охрид.

Честитајќи им го Денот на крводарителството во Р.Македонија, Црвен крст Охрид изразува благодарност и почит кон сите крводарители, поединци, фирми, институции кои го помогнале развојот на крводарителството во Охрид и Дебрца.

„Во оваа прилика сакам да изразам голема благодарност до сите крводарители, до сите оние хумани луѓе кои што беа дел од крводарителските акции кои дадоа од драгоцената течност, но и до сите оние поддржувачи, помагатели, донатори, фирми, институции, поединци, и пред се до вас медиумите кои што не следевте преку целата година и допринесовме крводарителството во Р.Македонија како доброволно, бесплатно и анонимно, да има големи резултати и постојано е во подем“ –  додаде Точков.

Трајан Божиноски од Охрид досега 50 пати дарувал крв. Вели дека и во иднина ќе продолжи да ја дарува драгоцената течност што значи живот.

„Јас сум повеќекратен крводарител, на денешнава прослава излегувам со 50 крводарувања од мојата драгоцена течност – крв. Оваа хумана акција отсекогаш сум ја сакал, и моите деца ќе ја прифатат и додека можам, додека сум здрав, би дарувал од својата драгоцена течност – крв, а тоа ќе остане засекогаш во сеќавање. Сум почнал од средношколските денови, па Југословенската армија додека бев во војска, па сум продолжил и понатака, до ден денес, последно дарување ми беше на 19 јануари – Водици, кое дарување беше по 50 пат.“ – изјави Божиноски.

На свеченоста им беа доделени признанија на заслужни крводарители, поединци, фирми и институции кои помогнале во развојот и унапредување на крводарителството. Признанија добија и дел од медиумите во Охрид, меѓу кои и WebOhrid.

WebOhrid