25 години Македонски олимписки комитет

Вечерва, на местото на своето создавање, во „Гранд Хотел“ (сегашен Холидеј Ин), се одбележаа 25-те години од постоењето на Македонскиот олимписки комитет. Голем број на Олимпијци, спортисти, тренери, спортски административци, претставници на Националните спортски федерации, стопанственици и други лица кои се дел од развојот и растењето на Македонскиот олимписки комитет беа присутни на свеченото одбележување, а плакети за својата успешната работа и големиот придонес во развојот на Македонскиот олимписки комитет добија Велко Андреев, Зоран Гапиќ и Михајло Михајловски.

Честитки до претседателот на Македонскиот олимписки комитет, д-р Васил Тупурковски упати Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, д-р Томас Бах, кој заради продолжената работна посета на Пјонг Чанг (организатор на Зимските олимписки игри 2018) не беше во можност да присуствува на одбележувањето на јубилејот на Македонскиот олимписки комитет. Во своето писмо, меѓу другото тој истакна: „Изразувам длабока почит за извонредната работа која Македонскиот олимписки комитет ја извршува во изминатите 25 години, посебно во насока на промоција на Олимпиското движење, Олимписките вредности и Олимпискиот дух. Ви благодарам за извонредната соработка, која со сигурност ќе биде зајакната во периодот кој претстои“.

Честитки до Македонскиот олимписки комитет упати и претседателот на Европскиот олимписки комитет, д-р Јанез Коцијанчиќ кој во своето писмо истакна дека во овие 25 години, „Македонскиот олимписки комитет со својата посветена и квалитетна работа, дава силно позитивно значење за имиџот на Република Македонија, како во Европа така и во светот“.

Свечен карактер на ова одбележување дадоа и студентите од Факултетот за музичка уметност.

Да веруваме дека сите заедно ќе бидеме сведоци на една многу посветла иднина за сите идни Олимпијци и дека сите заедно ќе се радуваме на многу големи и врвни успеси на македонските спортисти.