Проф. Жаклина Лазаревска: Професори, директори наместо да агитираат нека едуцираат!

Во изминатите десет години образовните политики главно се носеа без јасно утврдени стратешки цели, без анализа на ефектите од нивната примена и без широка дебата и вклучување на директните учесниците во воспитно образовниот процес. Се направи упад во високото образование, се вработуваа личности во основното и средното образование по партиски клуч, а инспекциските служби и екстерното тестирање беа користени како алатка за казнување и држење во покорност на наставнците и професорите. Оттука не зачудува фактот што ученици наместо во училишните клупи е на улица, на протести, а директори и професори шират говор на омраза, агитираат наместо да едуцираат- вели за Фактор, пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ и поранешна професорка во охридската гимназија.

Како познавач на состојбите во ресорот вели дека деновиве на терен се забележува манипулација со учениците која лесно може да излезе од контрола. Според неа професорите и раководствата на училиштата треба да ги мотивираат учениците да станат одговорни и чесни граѓани кои ќе го ценат квалитетниот живот, мултиетничноста и соживотот, а не да го штитат криминалот и бегството од одговорност на креаторите на кризата.

„Директорите на училиштата поставени од ВМРО-ДПМНЕ се под притисок да учествуваат во овие сценарија и недозволиво да инволвираат и деца во нив, што е противзаконски.Законот за средно образование, односно членот 7 децидно забранува секакво политичко и верско организирање и дејствување во училишта.Тоа што го прават е и кривично дело, бидејќи станува збор за националистички протести кои се шири меѓуетничка нетрпеливост. За случаите во Прилеп веќе има кривични пријави за директорите, а треба да знаат и сите други директори, наставници и професори кои вршат притисоци и злоупотребуваат ученици, дека тоа што го прават е кривично дело и ќе има одговорност”- вели Лазаревска.

Според пратеничката има простор за загриженост бидејќи наспроти граѓаните смета дека стои неразумен политички противник кој во обид да се спаси од одговорност за криминалите е подготвен да ги жртвува државните и граѓанските интереси. Затоа порачува да превладее разумот бидејќи демократските процеси се незапирливи.

„По мое убедување, но верувам дека истото го мислат и поголемиот број на граѓани, овие протести по улиците се поттикнати од партијата ВМРО-ДПМНЕ, поточнo од раководството на оваа партија. Овие луѓе се исплашени од одговорноста за криминалите и злоделата што ги правеле и затоа сакаат продлабочување на политичката криза. СДСМ и коалиција со поддршка на огромното мнозинство граѓани ќе продолжат со одговорно однесување во интерес на државата за реформи и напредок”- додава Лазаревска.

Граѓаните според неа досега покажаа дека не се за конфликти и поделби, туку за заедништво и промени за квалитетен живот.Време е вели за одговорни политичари кои мислат на потребите на сите граѓани и на интересите на државата, а не на поделби, поттикнување насилство и конфликти за спас од одговорност.

Дополнително, вели реториката на конфликтност со меѓународната заедница воопшто не е случајна и наивна, напротив, има за цел целосна меѓународна изолација на Република Македонија.

„Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ со говорот на омраза кон граѓанските организации и критичката јавност во Македонија потврдуваат колку немаат капацитет за потребните демократски процеси кои се единствена перспектива на државата кон евроатланските интеграции. Тие мислат дека со ова ќе го спасат својот криминал. Но, ова нема да им успее. Пораките на целата домашна и меѓународна демократска јавност се јасни, парламентарното мнозинство е тука, следува и новата реформска Влада на граѓаните”- нагласува пратеничката Лазаревска.

Единствен излез од политичката криза како што вели е почитување на Уставот и Законите. Очекува претседателот Иванов да не ги кочи демократските процеси и да не се става над Уставот во државата и да го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев зад кој стојат 67 потписи од пратеници избрани од над 700 000 граѓани на Република Македонија.

Лазаревска вели дека од пратеничките клупи ќе инсистира да се променат состојбите во образованието,просветните работници да имаат целосна подршка од државата, нивната работа да биде респектирана, мотивирана, бидејќи без мотивирани наставници нема успешни образовни промени. Потребно е итно организирање на јавна расправа за функционална промена на концепторт на образование по примерот на земјите на Европската Унија и тој концепт кој ќе произлезе од таа сеопфатна расправа да биде имплементиран најдоцна до 2018 година.

„Се донесоа многу штетни реформи и спроведоа многу скапи проекти, а се добија многу малку позитивни ефекти. Она што го немаше во општеството е јавната дебата која изостана и во образованието. Изостана мотивираноста за квалитетна работа во образованието. Се се сведе на казни, заплашувања и омаловажувања на наставниот кадар.Секако ќе треба да се превземат низа од активности за надминување на исклучиво лошата состојба во образованието.Ќе инсистирам во Собраниската комисија за образование да се дебатира по однос на сите измени во Законите за основно и средно образование, односно да се носат Закони во чија постапка на донесување ќе учествуваат сите субјекти во образованието, граѓанските организации и професионалните здруженија”– порачува Лазаревска.

Извор: faktor.mk / С.Б.