Општина: Немање слух за проблемите на градот, присилување и уценување на вработените се дел од горкото минато на Охрид

Во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„Беспредметните патувања на општински трошок се ваш заштитен знак и за среќа на охриѓани, тие се веќе минато. Новото раководство на Локалната самоуправа, посветено и домаќински работи за подобрување на секојдневното живеење на граѓаните и промоција на Охрид, како светски позната топ туристичка дестинација.

Она што Вие го нарекувата екскурзија всушност е работна посета на Руската Федерација, каде градоначалникот Никола Бакрачески во Москва ќе го промовира Охрид пред тур – операторите, туристичките агенции и туристичките работници, од каде што резултати се очекуваат уште од оваа туристичка сезона. Од самиот момент на преземање на локалната власт, градоначалникот Бакрачески воведе нови методи во промоција на туристичката понуда на Охрид, она што Вие уште тогаш го критикувавте денеска вродува со плод за што сведочи и перманентното зголемување на реализирани ноќевања од странски и домашни гости. Позиционирањето на туристичката понуда на Охрид на светската туристичка мапа повеќе не е мит, сега тоа е реалност.

Што се однесува на патувањето на секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, тоа се реализира на покана и на трошок од Стејт Департментот на САД.

Немање слух за проблемите на градот, присилување и уценување на вработените се дел од горкото минато на Охрид. Минато кое градот го доведе на работ на егизтенција, минато кое сите охриѓани сакаат што поскоро да го избришат од своето сеќавање.“– стои во реакцијата.