Главниот хорнист од Берлинската филхармонија, Штефан Дор, во Скопје

Македонската филхармонија денеска во Домот на АРМ ќе одржи симфониски концерт „Моцартовата хорна“, на кој како солист ќе настапи првиот хорнист од престижната Берлинска филхармонија, Штефан Дор. Еден од најбараните хорнисти во Европа и во светот, за македонската публика ќе изведе два концерта за хорна и оркестар бр. 1 и бр. 4 од Моцарт.

Диригент на концертот е Борјан Цанев, а оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе и комплексните дела – симфониската поема „Остров на мртвите“ од Сергеј Рахманинов и фрагменти од балетот „Спартак“ од Арам Хачатуријан.

Германецот Штефан Дор (1965) во моментов е главен хорнист во престижната Берлинска филхармонија и еден од најбараните хорнисти во Европа како солист. Дор е постојано ангажиран да одржува мастер часови, а предава хорна на Академијата „Херберт фон Карајан“. Првите часови по музика ги почнал со свирење на виола, но откако го слушнал на концерт познатиот хорнист Херман Бауман, одлучил дека хорната ќе биде негов главен инструмент. По студиите во Есен и во Келн, тој станал главен хорнист во Операта во Франкфурт, а потоа на истата позиција е ангажиран во Фестивалскиот оркестар на Бајрот, во Филхармонијата на Ница и во Германскиот симфониски оркестар во Берлин. Во Берлинската филхармонија е од 1993 година.

Како солист соработувал со врвни диригентски имиња, меѓу нив и Даниел Баренбоим, Клаудио Абадо, Сер Сајмон Ратл и Бернард Хаитинк. Покрај класичниот и романтичниот репертоар за хорна, во фокусот на интересирањето на Дор се и делата од современите автори како Лигети, Киршнер и Кнусен. Извел голем број концерти за хорна посветени токму нему, од автори како Волфганг Рим, Тошио Хосокава и Хорхе Лопез. Уште една негова пасија е камерното музицирање кое подразбира не само соработки со колегите од Берлинска филхармонија, туку ангажмани и со многу други исклучителни музичари. Член е на ансамблот „Виена-Берлин“, на Октетот на Филхармонијата и на ансамблот хорни на Берлинската филхармонија.