Програмата на ОСБСП Охрид за 2017 предвидува реализација на повеќе едукативни кампањи

Програмата за работа на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата на град Охрид за 2017 година, предвидува реализација на повеќе едукативни кампањи насочени кон општата јавност и кон сите целни групи-учесници во сообраќајот. Целта е унапредување на безбедноста на сообраќајот во Охрид, подигнување на јавната свест за почитување на сообраќајните правила и прописи, за внимателност во сообраќајот, подигнување на сообраќајната култура кај сите учесници посебно на ранливите категории, намалување на сообраќајните незгоди, загуба на човечки животи, телесни повреди и материјални штети, но и низ идеи да се влијае за подобрување на сообраќајната инфраструктура во градот. Намерата е значително да се зголеми сообраќајната превенција и да се подигне сообраќајната безбедност во Охрид.

Во таа насока, ОСБСП Охрид, во својата годишна програма за работа во 2017 година, ги има следниве активности: континуирана соработка со локалната самоуправа и надлежните служби, ЈП и другите институции, соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, со Секторот за внатрешни работи Охрид, со Авто школите, Општинската организација на Црвениот крст, основните и средните училишта, детските градинки, велосипедските и мото клубовите, туристички агенции, угостителските објекти, хотелиери, медиумите, НВО. Предвидена е соработка и со Здруженијата на пензионери, на наглувите лица и лицата со посебни потреби а заради поблиско запознавање со нивните проблеми и потреби од сообраќајно-безбедносна сфера и можни во решенија за надминувањето на одредени состојби.

Општинскиот совет за безбедност на патиштата, ќе продолжи со кампањата „Велосипедска патека на секоја охридска улица“. По бројни реакции од граѓани до Советот, ќе се изготви предлог иницијатива до локалната самоуправа за приоритет во воспоставување велосипедска патека на улиците „Питу Гули“ и „АСНОМ“ како и за обновување на постојната хоризонтална и вертикална сигнализација на „АСНОМ“. И оваа година, Општинскиот совет ќе организира бројни мото и велосипедски патроли и дефилеа, едукативен панорамски автобус со образовни типизирани часови за децата во детските градинки и за учениците во основните и средните училишта. Оваа година, Советот ќе организира и сообраќаен општински квиз натпревар за учениците од V и VI одделение од основните школи во Охрид, а наскоро ќе отпочнат активностите за одржување на годинешната сообраќајно воспитна манифестација „Детски семафор“. Залагајќи се за поголема сообраќајна безбедност, Општинскиот совет, во својата годишна програма ќе ги продолжи едукативните кампањи „Како возиме на кружен“, „Вози одговорно-животот е во твои раце“, „Вози трезен стигни жив“, „Едукативен сообраќаен пункт“ и ќе покрене активности за осветлување на пешачки премини, отстранување на хаваризани возила од коловозните и другите јавни површини во градот.

Програмата за работа на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, беше усвоена на последната седница на Советот на општина Охрид.