Василевски: Граѓаните на Македонија се излажани со постизборната Тиранска платформа

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски, на денешната Собраниска седница истакна дека граѓаните на Република Македонија се измамени со постизборната Тиранска платформа.

„Граѓаните имаат право да ја дознаат вистината за Македонија. Се работи за исклучително важна постизборна измама. Да појаснам на избори се излегува со предизборна програма во која кандидатите и пратениците излегуваат со одредени ветувања што ќе направат ако народот им го даде гласот за одредена политичка партија и таа да биде победник на изборите“, рече Василевски.

Тој потенцираше дека граѓаните на Република Македонија кои го дале гласот за одредена партија во моментов се излажани.

„Предизборно едни ветувања, постизборно лага во која како услови за формирање на парламентарно мнозинство се исфрлува Тиранската Платформа. Како пратеник ме интересира која е цената која Република Македонија треба да ја плати“, праша Василевски.

Тој на крајот истакна дека со дебатата изминатите денови целата јавност можеше да види дали има или нема платформа.