Да се биде хуман во ова време на невреме во кое живееме, можеби за некого е тежок избор, но, не и за Охриѓани кои вчера ја исполнија големата сала во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид и беа дел од хуманитарниот концерт „Во потрага по изгубените насмевки“ во организација на еден од шесте тимови на млади на ПХВ-ЦКА (Промоција на хумани вредности-Црвен крст во акција).
Сплотени како еден, младите волонтери на Црвен крст Охрид, талентирани пејачи, музичари, танчери, актери, заедно со публиката пулсираа во ритамот на хуманоста и младоста со една иста цел да се соберат средства за помош на семејство на самохрана мајка со две деца од Охрид.
Црвен крст Охрид изразува благодарност до сите учесници на овој настан кои придонесоа да се подобри животот на нашите сограѓани.