Заев – Безак: Никој не смее да ги попречува државните интереси, мора да има решение по демократски пат!

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев попладнево се сретна со амбасадорот на Р.Словачка во Р.Македонија, Мартин Безак.

Тема на разговорот беше потребата од деблокирање на демократските процеси, со коишто ќе се овозможи стабилност и развој на Република Македонија кон ЕУ и НАТО и квалитетен живот за граѓаните.

„Решение мора да има низ почитување на демократските принципи. Граѓаните на кредибилни избори се изјаснија за промени. Легитимно е формирано новото парламентарно мнозинство од 67 пратеници избрани од околу 700.000 граѓани.

Продолжуваме кон избор на нов претседател на Собранието и нова Влада, според мнозинската волја“, рече претседателот Заев. На средбата е нагласено дека е неопходно сите институции, партии и поединци да овозможат мирен трансфер на власта.

„Никој не смее спротивно на Уставот и на државните интереси да ја загрозува егзистенцијата и стабилноста на граѓаните бидејки се тоа тешки казниви дела“, рече претседателот Заев.

На состанокот се разговараше за итните реформски приоритети што е подготвена да ги реализира новата Влада. Претседателот Заев соопшти дека веќе постои Програма на новата реформска Влада на унитарна Македонија којашто е посветена на потребите на сите граѓани и на државните интереси преку развој на Република Македонија во демократска и современа земја со евро-атлантски перспективи.