Младински Совет Охрид, во соработка со центарот за човекови права „АМОС“ од Битола, и младинското здружение „ФОКУС“ од Ресен, започна да го реализира проектот „Љубовни рецепти“. Проектот претставува кампања за освестување на младите девојки за родовиот идентитет, како и за нивна борба против насилството, пред се во адолесцентни врски. Целта е девојките да се освестат да го препознаат родно условеното насилство и да се оспособат да развијат механизми за да се соочат со истото, со што ќе влијаат врз промена на личните ставови, за да можат да остварат квалитетна љубовна врска. Проектот ќе се реализира преку истражување, едукативен камп за млади девојки и марш за ненасилство и женски права. Проектните активности ќе се реализираат во општините Охрид, Ресен и Битола. Со проектот директно ќе бидат опфатени повеќе од 150 млади, од кои над 100 девојки, а индиректно ќе се влијае на повеќе од 1000 млади, кои ќе бидат опфатени со истражувањето и на кои ќе им бидат поделени промотивно-едукативни материјали.
Во моментот, во тек е истражувањето за насилство во адолесцентна врска, чија цел е да се испитаат ставовите и мислењата на младите адолесценти за насилството во врска, со кое обично се соочуваат. Во анкетниот лист покрај демографските прашања, се поставени и отворени прашања во кои испитаниците имаат можност да го изразат својот став и мислење, како би се добила една комплетна слика за ситуацијата.
Главната цел на ова истражување е да се провери зачестеноста на насилството во врска кај младите адолесценти во однос на полот.
Конкретните цели на ова истражување се: да се испита колкав дел од испитаниците барем еднаш биле во врска, колкав дел од испитаниците имале сексуални односи во врската, да се испита задоволството од врската, да се испита колкав дел од испитаниците се соочуваат со насилни облици на однесувања во врска како и реакциите и причините поради кои се јавуваат истите, да се проверат нивните ставови за тоа колкав дел од испитаниците имаат познавања за насилните облици на однесување во врската и колку сметаат дека тоа е сериозен проблем кај младите.
Целна група во ова истражување се млади на возраст од 15-19 години. Примерокот ќе опфати вкупно 1200 испитаници од трите општини каде се спроведува проектот.
За реализирање на ова истражување како инструмент се применува анкетен прашалник за насилство во адолесцентна врска кој започнува со демографски прашања, а се состои и од мешавина на прашања од типот: затворени прашања со двочлен и повеќечлен избор, неколку скали за проценка на ставови, како и две отворени прашања.
За целите на истражувањето ќе се направи дескриптивна анализа која ќе даде груба слика на состојбата, со цел да се дадат препораки за понатамошно насочување на вниманието на надлежните лица.
Едукативниот камп за девојки предвидено е да се одржи од 24 до 27 април, во хотел КОЦАРЕВ во Охрид. Кампот ќе опфати 5 модули (Човекови права-женски права и право на живот без насилство, Љубов и врски, Род и пол, Моќ и насилство во адолесцентни врски и Вештини потребни за воспоставување и оддржување на квалитетни врски), „Жива библиотека“ на која претставници на Здруженија, МВР-СВР и Центрите за социјални работи ќе дискутираат со учесничките на кампот за случаи на насилство, а исто така ќе се одржи и мотивациски настан на кој ќе зборуваат претставници на православната, католичката црква и претставник на исламска верска заедница. Во текот на реализацијата на кампот, учесничките ќе работат на подготовка на „љубовни рецепти“ кои ќе бидат презентирани на крајот на кампот.
Проектот е финансиски поддржан од Екуменска Женска Иницијатива од Омиш, Република Хрватска.