Наградуваниот млад пијанист Арда Мустафаоглу примен од министерката Канческа-Милевска

По неколкуте освоени први награди на меѓународни натпревари, 14-годишниот талентиран пијанист Арда Мустафаоглу, кој е осмо одделение во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, денеска беше примен од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска …

Таа му ги честиташе успесите на младиот пијанист кој во својата досегашна кариера има многубројни настапи, концерти, први награди, специјални награди и титула лауреат на државни и меѓународни натпревари во земјава и во странство. Во серијата високи признанија минатата и оваа година, тој вчера освои и прва награда на 25. Интернационален натпревар „Music and Earth“ во Софија и како лауреат на натпреварот доби можност да има солистички рецитал во Париз во текот на годинава.

Канческа-Милевска истакна дека младите уметници се гордост за Република Македонија. Министерството за култура, рече таа, се грижи за младите и успешни таленти преку годишните конкурси и со задоволство и понатаму ќе ја поддржуваат кариерата на Арда, како и на други перспективни уметници. Ќе го следат во идните меѓународни претставувања кои очекува да бидат во голем број.

„Целта е да ги поддржиме нивните учества на натпревари на кои се поканети, затоа што тие се гордост на нашата држава. Одушевена сум од неговиот огромен талент и енергија што на концертите и ги пренесува на публиката. Затоа сакав лично да му се заблагодарам за успесите – нему и на неговото семејство. Верувам дека Арда ќе биде врвен уметник и дека во иднина ќе претставува наша најголема гордост. Ние, како и досега, и натаму ќе ги следиме неговите настапи и тој ќе ја има нашата целосна поддршка“, истакна Канческа-Милевска, посакувајќи му уште многу награди на натпревари за пијано.

Овој месец Арда Мустафаоглу освои прво место во категоријата за пијанисти до 15 години на осмиот интернационален натпревар на млади музичари „Антонио Салиери” во Легнаго–Верона, Италија. Претходно, во март, во Сремска Митровица, Србија, освои прво место во категорија на постари пијанисти од основните училишта на меѓународниот пијанистички натпревар „Sirmium Music Fest“. На интернет-натпреварот „Best Mozart Perfomance“, пак, во рамки на светските натпревари „Great Composers“ Арда Мустафаоглу во јануари освои прво место во неговата категорија, во конкуренција на инстументалисти од САД, Полска, Канада, Велика Британија, Германија и други земји, а минатата година беше првонаграден на четвртиот меѓународен натпревар за пијано во Венеција.

Во изјава за медиумите младиот музичар рече дека пијано свири од четири години. Омилени композитори му се Шопен, Чајковски и Лист, талентот го усовршува со вежбање по 12 часа дневно, а пред натпревари, рече, цел ден му се посветува на свирењето.

„Горд сум што го правам тоа што го сакам и благодарен сум на поддршката на Министерството за култура. Имам многу освоени натпревари на кои ми е чест што запознавам многу луѓе и елитни жирија. Се надевам дека ќе имам убав рецитал во Париз, како и голема иднина,“ рече Мустафаоглу.

На Арда годинава му претстојат настапи во четири градови во Германија, во јуни ќе учествува на фестивал во Верона, како и претставувања во Нови Сад (Србија) и во Чешка.