ПОПГМ: Упатуваме јавна благодарност до граѓаните кои останаа мирни и со висока свест и одговорност за иднината на државата

Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија, испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ), упатува јавна благодарност до граѓаните во земјата, кои, останаа мирни и со висока свест и одговорност за иднината на државата, во моментите кога ситуацијата лесно можеше да кулминира и да излезе од контрола. Само граѓаните, со мудроста, и цврстата определнеост – на насилството да не одговорат со уште поголемо насилство, спречија да дојде и до меѓуетнички судири, после што немаше враќање назад.

Сега е веќе јасно кој стои зад протестите на тн, иницијатива за Заедничка Македонија. Врхушката на ВМРО-ДПМНЕ, спасувајќи ја сопствената кожа за сторените злосторства и невиден криминал, во највисокиот законодавен дом-храмот на демократијата, ги инспирираше и ги потикна заблудените подржувачи, да направат крвав пир, со јасна намера да убијат неколкумина пратеници.

Со индигнација и неверување упатуваме најостра осуда до институциите и поединците, кои беа дел од толпата, особено Министерството за внатрешни работи. – Дел од униформираните лица и специјалци, не само што и дозволија на толпата да влезе внатре, туку нескриено ги одобруваа нивните постапки. Полицијата, платена и задолжена да не чува сите – до најобичните смртници, најнапред ги пушти насилниците да тепаат новинари и пратеници, а потоа покажа дека, сепак, ако сака, има сили и средства да ги отстрани, а повредените да ги евакуира! Со тоа покажа чии наредби извршува и во чија заштита се ставила.

За среќа, народот уште еднаш победи. Оној народ што остана дома, покажа мир и возврати со трпение! Уште еднаш ја покажа мудроста, пред лудоста на одредени политичари, кои, штитејќи се себе, земјата ја туркаат во пропаст, пред очите на домашната и меѓународната јавност, која се солидизира со граѓанството кое застана на вистинската страна на историјата, подржувајќи ја одлуката на јасно оформеното мнозинство, за деблокада на Собранието и избор на нов претседател. Со истата мудрост и трпеливост и со поддршката на пријателите од меѓународната заедница, ќе продолжиме со следните чекори на избор на нова влада“. – се вели во соопштението од Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија.