25 години од постоењето на детската амбасада Меѓаши – 25 години поправеден свет за децата

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ е најстара граѓанска организација во Република Македонија за заштита на правата на детето, основана на 29ти април 1992 година од страна на Гордана Пирковска Змијанац и Драги Змијанац. Меѓаши ги застапува и заштитува правата на децата, се залага за одговорно родителство и почит на детската личност. Меѓаши континуирано работи на зајакнување на граѓанското движење за правата на децата и функционалност од страна на институциите во најдобар интерес на детето. Амбасадата го промовира мировниот активизам и волонтерство, развивајќи активно граѓанство засновано на принципот на ненасилство.

Меѓаши со своите активности придонесе во развивањето и јакнењето на граѓанската свест за детските права. Таа го сруши молкот за детските страдања, особено за физичката, сексуалната и економската злоупотреба на децата, откривајќи во јавноста повеќе случаи на злоупотреби и директно ангажирајќи се за воспоставување поефикасни механизми за заштита на децата.

Како резултат на исклучително посветената и макотрпна работа, во текот на нејзниото 25 годишно постоење Меѓаши израсна во светски позната и призната организација за заштита на децата и воопшто детските права.

Во изминатиот период (1992-2017) Амбасадата ја остварува својата дејност делувајќи во следните сфери: психо-социјална, правна и др. видови поддршка на деца кои имаат потреба од помош со посебен акцент на маргинализирани групи деца; мониторинг на детските права и промоција на правата на детето во Република Македонија и пошироко; преземање иницијативи за унапредување на законската регулатива за заштита на децата во Република Македонија и нејзина имплементација и активности за градење на мирот и ненасилна разработка на конфликти. Овие домени остануват од примарен интерес и во наредниот период.