Минатата недела беше одржан еко-настан по повод одбележување на Денот на планетата Земја (22 Април) во салата во с. Долно Лакочереј. Настанот го организираа членовите на Клубот на екологисти од ОУ „Кочо Рацин“, Охрид под раководство на наставничката Татјана Лошкоска. Главни иницијатори беа ученичките од осмо одделение Михаела Василеска и Тамара Илијоска, а сите членови на клубот активно се вклучија и придонесоа за успешна реализација на настанот.
Целта на овој еко-настан е подигнување на еколошката свест и еколошка култура за заштита на животната средина и намалување на загадувањето. Во рамки на истиот беше распишан ликовен и литературен конкурс на тема „Еко свест-за почист свет“ (за ликовниот конкурс учениците требаше да изработаат творби од рециклирачки материјали, а за литературниот да напишат поетски творби). Во комисијата за ликовниот конкурс учествуваа Богоја Мојсовски, наставник по ликовно образование и членови на клубот, а во литературниот конкурс Ивана Рилкова Томеска, наставничка по македонски јазик и членови на клубот. Наградите (изработени од рециклирачки материјали од страна на членовите на клубот), беа доделени на самиот настан. На прво наградените им беа доделени и детски енциклопедии. На ликовниот конкурс првото место ѝ припадна на Симона Димитриеска, второто на Мартин Ѓоршески (двајцата се ученици во III одд.), а третото место на Димитар Ѓорѓиески (II одд.). На литературниот конкурс беа доделени следните награди: одделенска настава – прва награда на Ева Маркоска, втора на Софија Милошеска (ученички во III одд.), а трета на Стефанија Димоска (IV одд.); предметна настава – прва награда на Теодора Каланоска (VI одд.), втора на Марија Сиљаноска и трета награда на Мартина Анастасијевска (ученички во VII одд.).
Програмата содржеше изведба за Сонцето и Сончевиот систем во која учествуваа ученици од VI одд. со одговорниот наставник Билјана Сиљаноска, рецитал со еко содржина (ученици во VII и IX одд., одговорен наставник Наташа Неданоска), ревија на облека изработена со рециклирање на материјали (ученици во одделенска и предметна настава, одговорни членови на Клубот на екологисти), виенски валцер (ученици во V одд., одговорен наставник Лидија Сметеноска), додека членовите на Клубот на екологисти одржаа час со планетата Земја за глобалното затоплување и климатските промени. Во техничкиот дел на настанот учествуваа Стефан Јосифоски (IX одд.) – задолжен за музичкиот дел, Ристе Спироски (VIII одд.) – сликање и Димитар Божиноски (VIII одд.) – снимање. По завршување на програмата следеше забава за сите ученици.
Клубот на екологисти упатува огромна благодарност кон директорката на училиштето за подршката и помошта при реализација на еко-настанот. Им се заблагодарува и на наставниците, соучениците и сите останати за нивниот придонес во настанот, а посебна благодарност упатува кон наставничката Билјана Сиљаноска за помошта при организација на истиот.
Паричните средства од настанот ќе бидат употребени во хуманитарни цели.