„Распеано рибарче“ по 19ти пат

На 3, 4 и 5 мај во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи 19 –тото издание на фестивалот на детска песна „Распеано рибарче 2017“.

И годинава, како и лани ќе бидат изведени 13 песни , 13 нови – потенцијални хитови кои ќе го најдат патот до сите деца, ама и до нивните татковци и мајки, баби и дедовци а и учителките и воспитувачките, во училиштата и градинките.

Традиционално пред почетокот и на ова издание веќе се готови песнарката и ЦД –то а по фестивалот во продажба ќе се најде и ДВД – то. 

Младите охридски интерпретатори годинава пеат за: „Другарството без проблеми“ има песна за еден страшен „Магионичар“ и уште посилен „Мотор бој“ песна за моливчето и боичките, за убавиот свет, некој ќе сонува и пее за слава, а ќе слушнеме приказна за Цар Самоил, за Климента и Наума и тоа од езерото кое легенди пее…

Главната фестивалска приредба отворена за граѓаните, авторите на песните и најблиските на децата изведувачи е во петок од 19 часот, а претходните два дена фестивалот по обичај ќе го видат учениците од сите основни училишта од Охрид и околината.

Покровител на фестивалот и годинава е Општина Охрид.