Пет од вкупно 40 наградени проекти од 15 земји учеснички на годинешниот глобален натпревар на проекти на тема „Секоја личност е значајна. Заедно за социјална инклузија”, кој го организираше ACES (Academy of Central European Schools), се изготвени од училишта од Република Македонија во партнерство со локални институции, јавни установи и органи.
Станува збор за проектот “Боите на животот“ на основното училиште “Св. Климент Охридски“ од Битола изготвен во соработка со Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење и Центарот за ран детски развој – Сумнал, проектот “Да го отвориме кругот, сите сме исти“ на основното училиште “Тошо Велков Пепето“ од Кавадарци во партнерство со Коалицијата на младински организации – Сега. Потоа, проектот “Едно сонце за сите“ на основното училиште “Кочо Рацин“ од Куманово, Националниот ромски центар и Порака наша, а меѓу наградените се и проектот “Социјална инклузија во нашиот крај“ на средното училиште “Васил Антевски Дрен“ од Скопје во партнерство со Здружението за волонтеризам – волонтерски центар“, како и проектот “Учиме од другите“ на Државното училиште за рехабилитација “Партение Зографски“ и НВО Психоинтегра.
Годинешниот натпревар овозможи учество на идеи, односно проекти за справување со социјални предизвици, а целна група беа јавните основни и средни училишта од сите 15 партнерски земји меѓу кои и Република Македонија, со ученици на возраст од 13 до 17 години.
Реализацијата на проектите кои добија највисоки оценки од меѓународното жири, ќе биде финансиски поддржана со по 800 евра.
Повеќе информации за резултатите од натпреварот можат да се обезбедат на http://www.act-local.aces.or.at/awardedprojects.