Охриѓанец го загуби животот во сообраќајка на регионалниот пат Св.Наум – Охрид

Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што рано утрово во 05 часот се случи на регионалниот пат Св.Наум-Охрид, во близина на Хидро биолошкиот завод во Охрид.

Од здобиените повреди, на местото на настанот животот го загуби Дејан Т. (20) додека со тешки телесни повреди се здобил Р.Д. (25), двајцата од Охрид. Поради здобиените тешки повреди и сериозната здравствена состојба, Р.Д. е префрлен на хируршкото оделение во Општата болница во Охрид каде е задржан на понатамошно лекување. На истото оделение, но со полесни повреди се наоѓа и Ж.П. (22) од Охрид.

Сега починатиот, заедно со двете повредени лица, се наоѓале во патничко моторно возило марка „Опел Корса“ со охридски регистарски таблици и по регионалниот пат се движеле од Рача кон Охрид. Во критичниот момент, Р.Д. кој го управувал автомобилот, изгубил контрола врз возилото, излетал на десната страна надвор од коловозот, удрил во ивичник од патот а потоа и во електричен столб. Од ударот, возилото се извртело и повторно се вратило на коловозната лента.

На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на Јавен обвинител и полициски екипи од СВР Охрид и подигнати се траги за вештачење. За време на увидот, сообраќајот беше пренасочен и се одвиваше по една сообраќајна лента.