Пуштено во употреба Основното училиште во Лешани

Денес свечено беше пуштено во употреба реконструираното основно училиште во Лешани, кое ќе прерасне во подрачно Основно училиште во рамките на ОУ „ДЕБРЦА” – с.Белчишта.  Реконструираниот објект ќе значи комплетно нови услови како за учениците, така и за наставниот кадар. Имено со пуштењето во употреба на училишната зграда, ќе се овозможи настава за ученици од прво до деветто одделение, кои наставата ќе ја следат во поприријатни услови.

Училишната зграда се простира на површина од околу 400 квадратни метри со 6 училници, кои ги задоволуваат сите стандарди и нормативи за реализирање на воспитно-образовниот процес. Објектот располага и со простории за административно-технички персонал и други помошни простории, како и посебно одвоен простор кој ќе биде на располагање за локалното население, со што ќе добијат простор каде што ќе можат меѓусебно да се дружат, да организираат разни манифестации, средби и состаноци. Просторот ќе можат да го користат месната заедница, разни здруженија, младите, спортските друштва, односно сите што ќе имаат потреба за тоа.

„Инвестициите во образованието, се инвестиции во иднината. Со секоја тула ставена во ѕидот на училиштето, всушност ја градиме нашата иднина, иднина за подобро утре, иднина која ни ветува развој и благосостојба. Секој вграден прозорец е прозорец кон иднината, кон нашите стремежи за откривање на нови работи и вештини“, речегГрадоначалникот Трајкоски, напоменувајќи дека и во иднина ќе продолжи кон реализација на проектите во областа на образованието.

Инаку од пожарот што во ноември 2011 година го зафати Културниот дом во Лешани, целосно беше изгорена кровната и меѓукатна дрвена конструкција, целосно беше уништена надворешната и внатрешната столарија, а од објектот беа останати само надворешните и делумно внатрешните ѕидови. Санацијата и реконструкцијата опфаќаше изработка на нова армирано-бетонската конструкција, изработена е нова кровна конструкција покриена со ќерамиди, санација на фасадата, поставување на нова фасадна пвц столарија, нова внатрешна столарија, нови санитарни јазли, комплетно нова водоводна-канализациона инсталација, електрична инсталација и инсталација за парно греење, со што објектот ќе добие комплетно нов изглед, и ќе се штеди енергија со намалување на трошоците за греење.

Проектот преставува дел од низата проекти кои ги спроведува Градоначалникот во делот на образованието за подобрување на воспитно образовните установи и создавање услови за непречено одржување на наставата на учениците и вработените. Во досегашниот мандат, извршена е комплетна реконструкција на три основни училишта, и тоа основните училишта во Требеништа, Оровник и Лешани, а наскоро ќе отпочне реконструкцијата на Основното училиште во Ботун, со што ќе целосно ќе бидат реконструирани четири основни училишта, од вкупно единаесет училишта кои фукнционираат во рамките на ОУ „ДЕБРЦА” – с.Белчишта.

Вкупната инвестициона вредност на проектот за реконструкција на Основното училиште во Лешани е околу 6,5 милиони денари, од кои 3.000.000,0 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој, а остатокот се сопствени буџетски средства.