На 31ви мај во организација на Клиар Вју Бизнис Тренинг Центар, трета година по ред ќе се одржи Конференција за предизвиците на транзиција на семејните бизниси.
Импресиите од минатогодишната конференција се одлични. Конференцијата беше посетена од 130 слушатели, поголемиот дел од нив сопственици и наследници на мали и средни семејни бизниси кои имаа можност да ги слушнат искуствата на деветте панелисти, истакнати бизнисмени на македонски компании, кои го поминале процесот на транзиција на наследството или се обидуваат да го направат во иднина тоа што побезболно.
Оваа година ќе се обработат нови три теми:
- Како наследниците да го преземат лидерството во компанијата и да воспостават авторитет?
- Светски практики на трансфер на сопствеништво во семејните бизниси;
- Корпоративно управување во семејни компании.
Зошто ги одбравме овие теми?
Искуството од претходните две години и интеракцијата со наследниците во семејните компании ни посочија на една од поголемите болки на втората генерација – како да ја стекнат довербата на вработените, да излезат од сенката на сопствениците, да биде прифатен нивниот лидерски стил кој секако е различен од претходната генерација. Тоа најчесто значи и дека компанијата ќе биде поведена во нова насока, што наидува на дополнителен отпор до првата генерација и вработените.
Во вториот дел на конференцијата ќе се зборува за светските практики на пренесување на сопствеништвото во семејните компании. Ќе се презентира споредбата помеѓу „германски“, „италијански“ и „балкански“ модел на трансфер на сопствеништво, кои се позитивните практики кои македонските комапнии можат да го прифатат и да го имплементираат.
На овие две теми ќе говори г.Борис Вукиќ, кој е еден од предавачите на Бизнис форумот „Семејните компании – столб на економијата“ кој неколку години по ред се одржува на балканските простори (Бања Лука, Сараево, Белград).
Инаку, г.Борис Вукиќ е партнер на Adzies South East Europе и сертифициран сениор Adizes консултант кој 20 години посветно работи на организациски развој и трансформација на компании од цела Европа. Консултант е на број семејни компании од регионот кои прераснале во милионски бизниси.
Третата тема „Корпоративно управување во семејни компании“ ја одбравме за да го разбиеме митот дека корпоративно управување се однесува само на големи компании. Сакаме сопствениците и менаџерите на семејните бизниси да сфатат кои се бенефитите од корпоративното упоравување. Секоја компанија поминува низ неколку фази кои се одликуваат со посебни карактеристики. Најголем дел од семејните компании во Македонија се во втората и третата фаза во која веќе треба да има воспоставени правила и процедури. Но, искуството ни кажува дека во многу македонски семејни компании тоа не се случува поради:
- Сложеност, која произлегува од комплексната управувачка структура на која освен професионалните се додаваат и семејните односи;
- Склоност кон неформални односи и намерни нејаснотии;
- Недостаток на дисциплина како клучен проблем.
За корпоративното управување ќе говори Алексеј Волнец кој доаѓа од САД. Алексеј е офицер за корпоративно управување во департманот за управување за животна средина и за социјални прашања во Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ), дел од Групацијата на Светската банка во Вашингтон, САД. Негова специјалност се дизајнирање и испорака на тренинг програми за градење на капацитетите на раководните лица за управување со мали и средни претпријатија.
Освен г. Борис Вукиќ и г. Алесеј Волнец, своето искуство од процесот на успешна транзиција ќе го споделат и девет панелисти, македонски бизнисмени, претставници на првата и втората генерација сопственици на семејни бизниси.