ВМРО-ДПМНЕ го повикува парламентарното мнозинство што поскоро да створи услови за распишување на локалните избори

Текст од прес конференција на Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

ВМРО-ДПМНЕ секогаш била и ќе остане одговорна партија без разлика дали станува збор за државните интереси, националните или локалните интереси каде што граѓаните ни се на прво место. И за нас нема дилеми дека на таквите позиции ќе останеме сега и во иднина. А, приоритет ќе ни биде просперитет народот и заштитата на интересите на граѓаните.

Во моментов се соочуваме со една специфична ситуација во која што е загрозен еден од најважните државни столбови, а тоа е локалната самоуправа, како уставно загарантирано право на граѓаните. Нема граѓанин кој не е засегнат. Без разлика дали живее во град или во село. Без разлика на партиската, на етничката или на верската припадност, на сите граѓани им е подеднакво важно општинската инфраструктура да се развива, водоводните претпријатија да функционираат, а комуналните услуги да течат без застој. Локалната самоуправа значи многу повеќе од овие основни функции. Локалната самоуправа подразбира и реализација на проекти, но и грижа за децата во градинките и за основните училишта. Сите овие функции на локалната самоуправа се доведени во прашање заради одложувањето на локалните избори кои требаше да се одржат во првата половина на мај.

Сега се соочуваме со ситуација во која што практично се блокира работата на локалната самоуправа, а воопшто никој не говори за локалните избори и нивното одржување.

ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство во Собранието, но затоа имаме предлог решение за оваа сложена ситуација.

Ова е нашиот предалог:

Го повикуваме парламентарното мнозинство веднаш да створи услови за распишување на локалните избори и да го овозможи работењето на советите на општините и на градоначалниците во овој меѓу период.

Ние како партија сметаме дека граѓаните треба час поскоро да добијат можност да ја изберат новата локална власт и предлагаме локалните избори да се одржат во најбрзо можно време, согласно законски предвидените рокови, односно првиот термин кој сметаме дека е соодветен за одржување на брзи локални избори во интерес на граѓаните и општините би бил 2 јули. Според нас овој датум е најдобар за граѓаните и со одржување на брзи локални избори сите ќе може сериозно да се фатат за работа и да почнат да испорачуваат резултати на локално ниво.

Доколку парламентарното мнозинство не е спремно за брзи локални избори во јули, вториот термин кој што е прифатлив е средината на септември, односно одржување на локални избори на 17-ти или 24-ти септември.

Доколку парламентарното мнозинство на СДС, ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците не е спремно за избори во средината на септември, тогаш третиот датум кој што сметаме дека е соодветен е локални избори на 15-ти октомври.

Но напоменуваме дека секој подалечен рок за одржување на локалните избори би создал поголеми негативни последици за општините и би нанесол поголема штета на интересите на граѓаните по однос на локалната самоуправа. Секој обид неразумно да се одолговлекуваат локалните избори и да се блокира мандатот на општините, а со тоа и да се загрозат интересите на граѓаните би се толкувал како обид за бегање од избори, односно бегање од соочување со народот.

ВМРО-ДПМНЕ и нашата пратеничка група ќе го поддржи секој предлог за кој што ќе се одлучи парламентарното мнозинство. И се надеваме дека тоа ќе биде што поскори, брзи и ефикасни локални избори, за да може локалната самоуправа како уставно право на граѓаните да не трпи голема штета.“- истакна Милошоски.