Во ОУ „Христо Узунов“ се одржа Државниот натпревар по физика

Денес во ОУ „Христо Узунов“ – Охрид се одржа Државниот натпревар по физика на кој учествуваа 320 ученици и околу 90 ментори – наставници. Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) и оваа година продолжува со активностите за популаризација на науката, физиката и другите природни науки преку стекнување и унапредување на знаењата, способностите и вештините кај учениците, наставниците и граѓаните и унапредување и заштита на животната средина. На овој 41 републички натпревар по физика учество зедоа ученици од осмо и деветто одделение од основните училишта во Република Македонија.

Натпреварот започна со пригодна програма со учество на Хорот при ОУ „Христо Узунов“, а за отворен го прогласи заменик-градоначалникот на Општина Охрид, Ангел Јанев, со пригодно обраќање.

Директорот на ОУ „Христо Узунов“, Тони Симоновски, истакна задоволство од довербата на ДФРМ за организирање на еден ваков настан со толку голем број на натпреварувачи. Тој им посака успеси и им честита на сите натпреварувачи и им рече дека сите тие се победници со тоа што веќе стигнале на овој натпревар.

WebOhrid