Започна обуката на 8. генерација кандидати за пилоти

Осмата генерација на кандидати за пилоти за потребите на Армијата на Република Македонија денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, свечено ја започнаа обуката во еден од најсовремените капацитети за произведување на вакви кадри во Југоисточна Европа, Центарот за обука на пилоти.

По тој повод, министерот за одбрана, Зоран Јолевски, истакна дека од самите почетоци до денес, Центарот покажа одлични резултати како еден од најсовремените центри за обука. „Од 80 пријавени на Конкурсот, шестмина ја завршија ригорозната селекција и имаат можност да бидат образовани во еден од најсовремените центри во Европа“, рече министерот.

Министерот Јолевски рече дека од оваа година се отвора и нова можност за младите луѓе кои имаат завршено средно образование да се пријават на Конкурсот на питомци на Воената академија, каде ќе поминат четири години на катедрата за воено воздухопловство – насока пилот, од кои три семестри ќе поминат во Центарот за обука на пилоти. Во оваа прилика министерот испрати порака секој оној кој ги исполнува условите да се пријави на отворениот Конкурс на Центарот, кој завршува во септември, по што ќе се изберат шест до осум кадети – идни пилоти.

Во оваа класа, обуката за воен пилот ја започнаа 6 кандидати кои поминаа низ ригорозен процес на тестирање кое вклучува психолошки тестови, физички и медицински проверки, како и селекција на земја од две недели и селекција во воздух со налет од 10 часа. Обуката на кадетите е во времетраење од 18 месеци, а истата се состои од теоретска подготовка, практична обука и летови на високотехнолошките симулатори на хеликоптерите Ми-8/17 и Ми-24.