Мехмедовиќ: Подготвен е предлог законот со којшто ќе обезбедиме бесплатно болничко лекување за сите!

Прес конференција на Д-р Злате Мехмедовиќ, член на Комисијата за здравство на СДСМ

„Почитувани граѓани,

Ветивме дека здравјето на граѓаните ќе биде наш врвен приоритет.

Денeска сме овде за да соопштиме дека веќе e подготвен Предлог законот за измени и дополнувања на законот за здравствено осигурување, со што ќе обезбедиме бесплатно болничко лекување за сите осигуреници.

Овој предлог закон е еден од првите што ќе ги поднесеме во Собранието, затоа што наша цел е сите граѓани да имаат достапни болнички услуги.

Со измените, целосно ја укинуваме болничката партиципација за сите осигуреници. На овој начин никој нема да остане без потребната болничка услуга затоа што нема да плати.

Според официјален извештај на Фондот за здравствено осигурување за 2016 година, 220.000 граѓани лани користеле болничко лекување. Може само да се претпостави какво финансиско олеснување би било за осигурениците, ако не требале да платат болничка партиципација.

Според наши проценки околу 420 милиони денари годишно досега граѓаните плаќале за да се лекуваат во болниците.

Сега, како што е предвидено во Програмата на новата Влада, а тоа е преточено и во законот, овие трошоци на граѓаните ќе ги покрива државата.

Алармантни се податоците од народниот правобранител дека граѓани не можат да добијат отпусно писмо, додека не платат партиципација. Често, лекувањето на граѓаните не завршува со болничкиот третман. Тоа значи дека овие граѓани се спречени да го остварат целосно сопственото правото на здравствена заштита, што се одразува и врз нивното здравје.

Ние ветивме дека ќе градиме општество на еднакви граѓани. И законот што го предлагаме за бесплатно болничко лекување значи дека тоа ќе биде достапно за секој граѓанин кој има потреба од тоа.

Ова е само една од мерките со коишто ќе градиме јавно здравство достапно за сите. Ќе воспостaавиме систем што гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво, со точно определени рокови и одговорност.

Ваквиот здравствен систем ќе им овозможи и на лекарите да бидат целосно посветени на пациентите, а граѓаните нема повеќе да бидат жртви на административните процедури.

Новата реформска Влада се обврзува на достапно, квалитетно, професионално и современо јавно здравство. Законот за бесплатно болничко лекување за сите е само еден чекор кон промените на здравствениот систем.“  – рече Мехмедовиќ.