Груевски: Досега се изградени 63 мали хидроелектрани кои партиципираат во електроенергетскиот систем

Досега се изградија 63 мали хидроелектрани со моќност од шеесетина мегавати кои се пуштени во употреба и партиципираат во производството на електрична енергија во Македонија, информираше денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски при увидот во градежните работи на новата зграда на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, некогашно ПУИК.

Посочи дека други 17 се во тек на градба или се издадени дозволи за да почне изградбата или е во тек издавање на градежна дозвола, лиценца итн.

„Вкупно 80 хидроелектрани, 63 веќе изградени, а 17 во тек на градба или во тек на подготовки за градба. Можам да кажам дека досега изградените кои се пуштени во употреба веќе вработуваат околу 100 лица, но најважно од се е дека овие хидроелектрани веќе значително партиципираат во електроенергетскиот систем на Република Македонија и тоа е еден од успешните проекти на владата досега“, истакна Груевски.