Кривична пријава против две лица за недозволена трговија со дрога

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Д. (65) од Битола и против едно непознато лице поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, предвидено во член 215 став 1 од Кривичниот Законик на Република Македонија. Од страна на судија на претходна постапка на пријавениот С.Д. му е определена мерка притвор до 30 дена.

По претходно добиени сознанија за недозвoлена трговија со дрога на подрачјето на Охрид , на 30.05.2017 година околу 03.50 часот, при преземање на оперативно тактички мерки на регионалниот пат Охрид-Свети Наум, полициски службеници забележале пловен објект како доаѓа од правец на Република Албанија и се движи кон брегот, каде чекале две непознати машки лица. Кога пристигнал пловниот објект непознатите, лица со гумени чизми влегле во водите и од пловниот објект земале поголем број на платнени торби. После тоа лицето со пловниот објект се вратило назад кон Република Албанија, а двете лица торбите ги ставиле во ПМВ ,,Шкода Октавија“ со скопски регистарски ознаки, управувано од второ пријавеното непознато лице, и се упатиле во правец на Охрид. Полициските службеници го следеле возилото и кога пристигнале во населба Рача дале сигнали за застанување на возилото. Наместо тоа, лицата го оставиле возилото и побегнале. По преземените мерки пријавениот С.Д. е фатен и лишен од слобода, додека другото непознато лице се уште е недостапно.

По извршениот претрес во возилото пронајдени се 10 црни платнени торби во кои имало 84 најлонски паковки со непозната зелена растителна материја . Пронајдените торби се запленети, а пријавениот бил лишен од слобода и приведен во СВР Охрид. По извршеното вештачење било потврдено дека станува збор за околу 117 килограми марихуана. Се преземаат мерки за откривање и идентификување на второ пријавено лице.