Заврши четвртото издание на „Вдиши театар“

Со настапот на театарската група од Црвен крст Крагуевац и оригиналната изведба на претставата „РУСКИ РУЛЕТ“, вчера во предворјето на црквата Св.Софија беа спуштени завесите на четвртото издание на Младинскиот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ кој во организација на Црвен крст Охрид од 1-4 јуни се одржа во Охрид.

Талентираните крагуевчани на оригинален и креативен начин прикажаа една современа семејна драма во која се преплетуваат емоциите, проблемите и искушенијата и се истакнува еден, се почест проблем на денешницата, семејното насилство и последиците од него.

И оваа година Младинскиот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ ги исполна очекувањата на организаторот Црвен крст Охрид, а ценејќи според интересот, посетеноста и позитивните реакции и коментари на публиката, овој фестивал го најде и оправда своето место во охридскиот културен простор.

Кога на тоа ќе се додаде и можноста која младите целосно ја искористија да креираат театарската игра и да ја афирмираат својата талентираност и сплотеност без јазични, или било какви други бариери, силните хумани пораки кои ги упатија преку театарските претстави, контактите и врските воспоставени со меѓусебното дружењето во овие четири дена, со право „ВДИШИ ТЕАТАР“ претставува препознатлив производ и во земјата и во странство, со кој Црвен крст Охрид се гордее.

Од Црвен крст Охрид изразуваат искрена благодарност до учесниците на фестивалот, до публиката, до волонтерите и вработените во Црвен крст Охрид, до медиумите, до сите институции, фирми и поединци, кои го овозможија, поддржаа и помогнаа одржувањето на театарскиот фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ 2017.