Преподобниот маченик Михаил

Денес е празник посветен на Преподобниот маченик Михаил.

По смртта на своите родители овој Михаил го раздаде сиот свој имот на сиромасите, а самиот отиде на поклонение на светостите во Ерусалим. Потоа стапи во обителта на Свети Сава Осветен и таму се замонаши. Михаил беше млад и убав на лице, но од строгиот пост сув и блед.

Во тоа време со Ерусалим владееја Арапите. Еден ден духовниот отец го испрати Михаил да отиде во градот за да го продаде ракоделието. На улица го сретна евнух на арапската царица и го одведе кај царицата за да ѝ го покаже неговото ракоделие. Кога виде убав монах, царицата се распали со нечиста похот и му предложи на монахот телесен грев, како некогаш жената Петефриева на целомудрениот Јосиф. Штом Михаил го одби скверниот предлог и почна да бега, гневната царица нареди да го бијат со стапови, а потоа го обвини кај царот дека божем хулел на верата Мухамедова. Царот му предложи да ја прими таа вера, но тој одби. Тогаш му дадоа некој јак отров за да го отрујат, но тој го испи отровот и не му беше ништо. По ова царот нареди и го убија со меч насред Ерусалим. Монасите го најдоа неговото тело и го пренесоа во обителта на Свети Сава, каде што беше чесно погребан. Пострада за Христа и се прослави во 6 век.