Заев: Ќе овозможиме услови за слободни медиуми и професионално новинарство

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев вечерва се сретна со претседателот на една од најголемите издавачки компании на Балканот, Адриа Медиа Груп, Александар Родиќ.

„Пред Македонија е голем предизвик како да се реформираат институциите и да се обезбеди подобар живот за сите граѓани. Владата на Република Македонија е одлучна да спроведе темелни реформи за демократизација на општеството, меѓу кои се и обезбедувањето услови за објективно и професионално новинарство“ рече премиерот Заев.

На средбата беше нагласена важноста на слободата на медиумите коишто известуваа непристрасно за политичките случувања во Македонија за време на политичката криза како и потребата за целосно слободни медиуми, што е обврска за Република Македонија, нотирана во повеќе извештаи, на Европската Комисија, на експертската група предводена од Рајнхард Прибе и на други меѓународни организации и институции.

Воедно, претседателот на Владата, Зоран Заев, оддаде признание на Адриа Медиа Груп за придонесот во борбата за правото за слободно информирање, и во Македонија и во регионот.

Претседателот на Адриа Медиа Груп, Родиќ го запозна премиерот Заев дека слоган на компанијата е „секогаш на страна на граѓаните“ и дека за нивните вработени новинари информациите што ги пласираат во јавноста секогаш се базираат на фактите, аргументите и вистината.

Во разговорот, претседателот на Адриа Медиа Груп ги истакна идните планови на компанијата, којашто е една од најголемите на Балканот во издавачката индустрија. И покрај сериозните финансиски потешкотии со коишто се соочува медумската сфера и разните притисоци, стратегија на компанијата е и понатаму да се развива и се повеќе да го шири своето влијание во овој дел од Европа.

„Темел на секое демократско општество се слободата на говорот и слободата на медиумите. Владата на Република Македонија ќе обезбеди такви услови за работење на медиумите во земјата„ истакна премиерот Заев на крајот на средбата.