МВР со соопштение во врска со немилите настани на 27ми април во Собранието

Во врска со настаните од 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија , СВР Скопје денес (05.06.) до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против девет лица, поради основи на сомнение дека сториле насилство кон луѓе и оштетиле имот при што извршиле три кривични дела: “учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“, потоа -“напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и “учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, предвидени и казниви по член 384, 383 и 385 од КЗ.

Кривично пријавени се: З.Т. (51), Г.Ц. (49), В.П. (21) тројцата од Скопје и Д.М. (29) и В.М. (46) двајцата од Кочани заради сомнение за сторено кривично дело – “учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“. Потоа, Н.П. (38) и П.М. (22) од Скопје и С.П. (21) од Кичево заради сомнение за сторено кривично дело – “учество во толпа што ќе изврши кривично дело“; и против А.М. (22) од Скопје којшто се сомничи за сторени три кривични дела – “учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“, “напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и “учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

Пријавените на 27.04. заедно со претходно други пријавени лица како и со поголема група засега неидентификувани лица откако го пробиле кордонот од униформираните полициски службеници што бил поставен пред Собранието, влегле внатре извршиле оштетување на ходникот, а потоа физички нападнале тројца полициски службеници на внатрешното обезбедување, по што влегле во салата бр. 3 каде се одржувала прес конференцијата и физички ги нападнале присутните пратениците З.З., З.С., Р.Ш.Ј., О.С., С.М., како и други пратеници од политичките партии на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците.

Секторот за внатрешни работи Скопје во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности во врска со настаните случени на 27/04/2017 година во Собранието на Република Македонија и обезбедување на преостанатите кривично пријавени лица, како и на идентификација и документирање и на други лица учесници во настаните.