Преподобен Симеон Столпник Дивногорец

Овој прекрасен светител се роди во Антиохија во 522 година, во времето на царот Јустин Постариот. Татко му загина во земјотрес, а тој остана сам со мајка му Марта. Во шестата година од животот се оддалечи во пустина кај некој духовник Јован и под негово раководство се предаде на подвиг на пост и молитва, за голем восхит на сите што го видоа. Откако претрпе страшни демонски искушенија, од Господ и од Неговите ангели прими голема утеха и благодат. Христос му се јави во вид на прекрасно момче. По тоа видение во срцето на Симеон се разгоре голема љубов кон Христа. Помина многу години на столб, молејќи Го Бога и пеејќи псалми. Потоа, упатуван од Бога, се оддалечи на гората од Самиот Господ наречена Дивна. Според името на оваа гора и него го нарекоа Дивногорец. Сходно на неговата љубов кон Бога му беше дадена ретка благодат, со помош на која исцелуваше секаква болест, скротуваше ѕверови, проѕираше во далечните краеви на светот и во срцата човечки, излегуваше надвор од себеси и ги гледаше небесата, разговараше со ангелите, ги плашеше и ги разгонуваше демоните, пророкуваше, живееше понекогаш по триесет дена без храна, примаше храна од раце на ангели. На него потполно се исполнија зборовите на Спасителот: „Кој верува во Мене делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши и поголеми дела од овие ќе врши“ (Јован 14, 12). Во Летото Господово 596, а во седумдесет и петтата година од неговиот живот, Симеон Дивногорец се престави кај Господ, за вечно да се насладува гледајќи го лицето Божјо заедно со ангелите.