Пуштена во употреба пешачката патека во стариот дел на градот

Со пригодна свеченост, денес, беше ставена во употреба пешачката патека која се наоѓа во Стариот дел на градот. Патеката се протега од Кошишта по северната страна на калето кон Лабино и Канео. Од Лабино патеката продолжува кон Воска и Даљан, а од таму кон извиднички центар.

„Првибитниот впечаток е одличен, досега нема ниту еден лош коментар што е потврда дека граѓаните со консензус го одобруваат овој проект и се задоволни од реализацијата. Тоа за нас е поттик и мотивација дека ваквите проекти треба да продолжат. Тоа беше и наша замисла, за граѓаните да најдиме начин преку нашите надлежности да создадеме нешто поради кое луѓето ќе излегуваат, рекреираат, спортуваат и заеднички се дружат и споделуваат животни искуства и градат меѓусебна доверба,“ истакна градоначалникот Никола Бакрачески.

Должината на пешачката патека изнесува 2 700 метри, што минуваат низ живописни предели и убави глетки кон Охридското езеро. Дополнително на долж патеката се поставени клупи за одмор, а на одредени делови е поставена и заштитна ограда.

Претседателот на урбанта заедница Стар град, Горан Патче, истакна дека изградбата на патеката ја збогатува туристичката понуда на градот и дека е од големо значење за охриѓани, но и за гостите што сведочи и големата фрекфенција на патеката.

Буџетот издвоен за изградба на патеката изнесува околу 6,5 милион денари.