Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, денеска во Министерството оствари средба со амбасадорот на Словачка во Македонија, Н.Е. Мартин Безак, на која стана збор за билатералната одбранбена соработка и модалитетите за нејзино унапредување.
„Ги цениме напорите и поддршката која ја давате на нашата земја и се надеваме дека ќе возвратиме со добри резултати. Министерството за одбрана е посветено на унапредување на состојбите во Армијата, а ќе направиме и реален план за модернизација под транспарентни и некоруптивни постапки“, изјави министерката.
Министерката додаде дека ја поздравува одлуката Европската унија да го испрати експертот Рајхард Прибе, за реформите важни за членството во ЕУ и во НАТО да бидат завршени во поставените рокови. „Познат ни е глобалниот став на поддршка на Словачка за членство во НАТО, и се надеваме дека со нашата работа ќе ви дадеме аргументи таа поддршка да продолжи“, додаде таа.
Амбасадорот Безак на министерката Шекеринска и ги пренесе честитките од словачкиот министер за одбрана Петер Гајдош, за стапување на функцијата, и најави можна посета на министерот Гајдош на Република Македонија.
На средбата стана збор и за иницијативата за поставување на спомен-плоча за загинатите членови на Мониторинг мисијата на Европската Унија во 2001 година, од кои еден беше и припадник на вооружените сили на Словачка, при што министерката Шекеринска истакна дека во координација со надлежните институции, ќе биде направено сè за истото да се реализира и по 16 години и конечно да се оддаде достојна почит на загинатите.
Македонија и Словачка во областа на одбраната соработуваат од 2000 година, кога беше потпишана и Спогодбата за соработка. Истата се развива во логистиката, разузнавањето и размената на искуства во информатиката и военото воздухопловство. Еден од најразвиените сегменти на соработката меѓу двете земји е и воената едукација.