Министерката Дескоска се сретна со евроамбасадорот Жбогар

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. Самуел Жбогар.

Министерката Дескоска, го запозна евроамбасадорот со реформските заложби на Владата на Република Македонија за квалитетно и достапно образование, почитување на законите и унапредување на меѓународната соработка. Дескоска, за време на средбата, истакна дека еден од приоритетите на Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука е приближување на квалитетот на образованието во земјава со образованието во земјите членки на Европската Унија, како и искористување на ИПА фондовите кои и стојат на располагање на Македонија.

Амбасадорот на ЕУ, Жбогар истакна дека Унијата ги поддржува реформиските процеси кои ги презема Владата на Република Македонија во полето на образованието, напоменувајќи дека тие се вистински партнер на земјава во нејзините евроатлантски аспирации.