Средба на министерката Шекеринска со австриската амбасадорка Коблер

Членството на државите од регионот во колективните безбедносни системи е од големо значење за безбедноста и стабилоноста на Балканот, заклучија на денешната средба во Министерството за одбрана, министерката Радмила Шекеринска и амбасадорката на Австрија, Н.Е. Ренате Коблер.

Министерката Шекеринска на средбата посочи дека Република Македонија и нејзината Влада се посветени на реформите. Во однос на посетата на Брисел, министерката Шекеринска рече дека истата била исклучително успешна и дека се базирала на оптимизам во односите помеѓу Македонија, Европската Унија и НАТО-Алијансата. Зборувајќи за соработката во одбраната, Шекеринска ја истакна важноста на заедничките воени вежби кои се од значаење за развој на интероперабилноста и подготвеноста на двете Армии. Министерката се заблагодари за поддршката од Австрија во справувањето со мигрантската криза која го погоди регионот и Европа.

Австриската амбасадорка Коблер изрази задоволство од досегашната билатерлна одбранбена соработка и посочи дека Австрија иако не е членка на НАТО, дава безрезервна поддршка за интеграцијата на Македонија во колективните безбедносни системи. Таа изрази подготвеност за континуиран развој на меѓусебната одбранбена соработка и подготвеност за помош и поддршка во сите области на одбраната.

Македонија и Австрија во областа на одбраната соработуваат од 2006 година, со потпишувањето на Спогодбата за соработка. Таа вклучува области како размената на искуства во логистиката, воената обука и образование, јазична обука, курсеви за воени операции.