Општина: СДСМ Охрид продолжи со своето комично шоу на соопштенија за јавност

Во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која се вели:

„Малку им беше бламирањето со вчерашното соопштение за јавност, во врска со дрворедите на булеварот „Туристичка“, па, денес, СДСМ Охрид продолжи со своето комично шоу на соопштенија за јавност, веројатно видно потресени од вчерашното гостување на градоначалникот Бакрачески на охридската телевизија ТВМ.

Жалиме што неможат да ги поднесат резултатите и бројките на оваа Локална власт, кои се неспоредливо подобри од било која гарнитура во последните 26 години независна Македонија.

За пишувачите на нивните соопштенија им препорачуваме очила со голема диоптрија за конечно да го видат она што сите одамна го гледаат во Охрид. И не ни е чудно што неможат да го пресметаат долгот кој го оставија на општината во 2013 година во изност од 2.038.000.000 (две милијарди и триесет и осум милиони) денари. Всушност јасно ни е зошто не го знаат точниот износ на долгот, бидејќи во времето кога беа власт од бројките на пораст на долгот на дневна основа болеше глава.

Јасно ни е зошто неможат да го видат импактот и бројките во туризмот, затоа што никогаш ништо не направиле за него. Јасно ни е зошто неможат да зборуваат за подобрување на ефикасноста на општинската администрација, бидејќи главно место на правење анализи и статистики им беа кафеаните. Јасно ни е зошто неможат да го видат напредокот во реализацијата на капиталните проекти, бидејќи тоа за нив се приказни од типот на „Алиса во земјата на чудата“. Јасно ни е зошто неможат да видат како ние се справуваме со проблемите на граѓаните, затоа што тие се научени само да ги прават, а не да решаваат. Јасно ни е зошто денес не ги посетуваат преполните спортски арени што ги изградивме, бидејќи се научиле да прават прес конференции на температура од минус 20 степени целзиусови. Јасно ни е зошто слабо ги посетуваат бројните културни манифестации во градот преку цела година, бидејќи во нивно време никогаш не ги поддржуваа.

И на крај најважно: Јасно ни е зошто во нивните соопштенија без број пати го спомнуваат името на Бакрачески, бидејќи знаат на кого му веруваат граѓаните. И бидејќи знаат како стојат со доверба нивните кандидати за градоначалник.

Ние претпоставуваме на кого ќе дадат доверба граѓаните есенва, но едно сигурно знаеме: дека охриѓани никогаш повеќе нема да дадат доверба на оние кои финасиски, урбано, културно и спортски го девастираа градот и ја уништија надешта на охриѓани.

Знаеме дека тоа никогаш повеќе нема да се повтори.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.