Собраниска делегација учествува на Интерпарламентарна конференција за ЕУ законодавниот процес

Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: Бетиане Китев, Шпреса Хадри, Илија Димовски и Африм Гаши, на 19 и 20 јуни 2017 година, учествува на Интерпарламентарната конференција на тема: „ЕУ законодавен процес – од законодавна иницијатива до имплементација и мониторинг”, во организација на Европскиот парламент, која се оддржува во Брисел, Кралството Белгија.

Пратениците од Собранието на Република Македонија на Конференцијата ги презентираа политичките и правните практики во нашата земја, од парламентарен аспект, во врска со законодавниот процес, а во насока на унапредување на евроинтегративниот процес.

На Конференцијата, која е посветена на ЕУ законодавниот процес, од аспект на улогата на парламентарните комисии како алатки за зајакнување на надзорната улога на законодавната власт врз извршната власт, учествуваат повеќе европратеници, како и пратеници на парламентите на земјите од Западен Балкан, Турција, но и пратеници од целиот свет, со што настанот има мултилатерална димензија.

Во расправата, дискутантите ги разменија своите искуства со најдобрите законодавни практики на Европскиот парламент, со цел да најдат нивна примена во нивните национални парламенти.

На крајот на Конференцијата се очекува да се усвои заклучок за поголема соработка на националните парламенти и Европскиот парламент, во интерес на поефикасно законодавство применливо за граѓаните и општествените текови.