Иванов-Вучиќ: Отворените прашања да ги решаваме со дијалог

Сите прашања меѓу двете земји околу кои постојат различни мислења треба да се решаваат зеднички преку дијалог. Да не дозволуваме тие прашања да влијаат на односите меѓу двете држави, затоа што сепак, ние сме соседи и што и да се случи остануваме да живееме на овој простор и мора како добри соседи да создаваме добри практики за идните поколенија, порача претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по денешната билатерална средба со српскиот претседател, Александар Вучиќ во Белград.

Претседателот Иванов изјави дека со неговиот српски колега имале конструктивна средба и биле согласни дека отворените прашања не треба да се политизираат.

„Сите отворени прашања мора да ги разгледуваме преку дијалог и надлежните институции да наоѓаат решенија. Kаде настанувааат проблемите, таму да се наоѓаат и решенијата. Да не ги политизираме и да не им даваме посебно значење на прашањата кои се во надлежност на институциите”, изјави претседателот Иванов.

На прашањето дали двајцата претседатели разговарале за промовирање на идејата за заеднички регионален пазар, претседателот Иванов изјави дека тоа ќе биде во надлежноста на двете Влади.

„Тоа е во интерес на целиот регион. Ние во минатото сме имале заеднички пазар, ги знаеме бенефитите од сето тоа, и која е користа за нашето стопанство, така што се надевам дека владите од регионот, како што Брдо Бриони процесот на ниво претседателите ги промовира тие идеи за зближување и отварање на просторот, така и премиерите на нивната идна средба во Трст сигурно конкретно ќе разговараат за реализација на таа иницијатива”, изјави македонскиот претседател.

Претседателот Иванов изјави дека Македонија и Србија како две соседни земји своите односи мора да ги гаат во духот на пријателството и меѓусебна соработка. Претседателот Иванов додаде дека на средбата двајцата претседатели раазговарале и за можностите за продлабочување на економската и трговската соработка, како и за прашања од доменот на културата.

„Разговаравме и за прашања од доменот на културата кои мора да ги регулираме со одбележувања на настани, како што беше одбележувањето на 70-годишнината од доаѓањето на Македонците во Србија што го одбележавме заедно со претходникот на Вучиќ. Тоа беше еден чин на почит. Тие ни посветија внимание и нашите Македонци беа навистина задоволни. Таквите настани ќе продолжиме и во иднина да ги одбележуваме, бидејќи тие ги зближуваат двата народи и придонесуваат кон доверба на двете држави”,изјави претседателот Иванов.

Политичкиот дијалог меѓу двете земји се очекува да продолжи со идна посета на претседателот Вучиќ на Република Македонија.

Претседателот Иванов утрово оствари и неформална средба со досегашниот српски претседател Томислав Николиќ.

Македонскиот претседател вчеравечер во „Палата Србија” присуствуваше на свеченоста по повод инаугурацијата на новиот српски претседател Александар Вучиќ.