ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„За уште една еколошка катастрофа во Дебрца виновни се поранешната Влада на РМ, предводена од ВМРО ДПМНЕ и актуелниот градоначалник на општина Дебрца, Игор Трајкоски. Станува збор за Слатинското Езеро, чија брана пукна во 2013 година, што доведе до излевање на вештачката акумулација, изградена во далечната 1963 година.
Во изминативе повеќе од четири години се изнаслушавме празни ветувања и од централната власт и од градоначалникот на општината дека состојбата со браната ќе биде санирана.
Така, сликајќи се во предизборната кампања за локалните избори 2013 година Трајкоски ветуваше брза санација на браната, а во неговата изборна програма, на страница 35, во делот на проектите за развој на туризмот пишува дека Слатинското езеро и Слатино за време на неговиот мандат ќе прераснат во туристичка атракција за селски туризам, а на езерото ќе се организираат меѓународни риболовни натпревари.
Овие ветувања Трајкоски знаеше да ги повтори во текот на мандатот, ветувајќи и изградба на хотел и други содржини на езерото. Последното ветување го даде поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков, кој минатото лето рече дека средства се обезбедени преку проектот на УНДП и дека изградбата на нова брана на езерото ќе започне оваа пролет.
Дојде и новото лето, а од санацијата нема ништо. Наместо ветената туристичка атракција Слатинското Езеро, со вкупна зафатнина од 1.400.000 м3 и висинaнабранатаод 15,5 м. исчезна од водостопанската карта на Република Македонија. Денес, езерото го нема, целокупната флора и фауна е уништена, коритото е обраснато со најразновидна вегетација, мотелот на брегот е препуштен сам на себе, а минорните количини на вода од Мраморечка река кои минуваат преку празното корито се последните сведоци за тоа дека некогаш тука имало прекрасно езеро.
За неповратните штети на земјоделското производство и да не зборуваме. Водите од езерото се користеа за наводнување на земјоделските површини во Слатинско, Издеглавско и Оздоленско Поле, совкупно 420 ha, но и за спортски риболов и туризам.
Ваквиот однос кон природните убавини и водните ресурси е недозволив и казнив.
Апелираме до надлежните и одговорните институции на централно и локално ниво, најитно и без одлагање да ги преземат неопходните мерки за ублажување и отстранување на последиците од оваа еколошка катастрофа.
Со санација на постојната или изградба на нова брана да се обнови растителниот и животинскиот свет и Слатинското Езеро си го поврати стариот сјај.
За почеток, да се врати животот во и на Слатинското Езеро.“ – се вели во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.