Арнаудов: Граѓаните гледаат дека СДС немаат ниту капацитет, ниту визија и план за да ја водат Македонија

„Се наоѓаме на локацијата „Мауцкер“ каде треба да поминува автопатот Кичево-Охрид, проект испланиран и започнат од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, кој при предавањето на власта го оставивме во напредна фаза на реализација, за сега да гледаме во целосен застој без никаков сигнал за негово понатамошно продолжување. Неспособноста на СДС на дело се покажува токму тука, граѓаните гледаат дека СДС немаат ниту капацитет, ниту визија и план за да ја водат Република Македонија, единствено нешто кое добро им оди е блокирање, укинување и правење застои како што впрочем сега го прават со автопатската делница Кичево-Охрид.“- рече на денешната прес-конференција Претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид и Пратеник Д-р Љубен Арнаудов.

ВМРО-ДПМНЕ напоменува дека изградбата на автопатот не смее да биде проблематизирана и опструирана, таа мора веднаш да продолжи, автопатот е важен за Република Македонија и за целиот регион бидејќи со него се подобрува поврзаноста долж европскиот коридор 8 од Бари, во Италија , преку Република Албанија и Република Македонија до Бургас во Бугарија, со него ќе се зголеми проточноста и ќе се допринесе за забрзан економски развој на целата држава, а особено на нашиот регион.

„Срамно е и безобразно е ова однесување на СДС, тие во текот на изборната кампања ветуваа 600 километри автопат и 550 километри магистрални патишта, за сега да гледаме дека не се способни да ги довршат автопатите кои ВМРО-ДПМНЕ ги започна и кои се во напредна фаза на реализација, а не пак да градат нови. СДС имаат одговорност да ги реализираат ветувањата кои им ги дадоа на граѓаните, а тие наместо со работа и проекти се занимаваат со политикантство и млатење празна слама. Доколку не се способни и неможат да се сносат со обврските и одговорноста кои ги побарува управувањето со државата и за граѓаните и за нив е подобро ако си поднесат оставка, зошто само така ќе овозможат Република Македонија да оди напред.“ – рече Арнаудов.