Светиот апостол Јуда

Еден од Дванаесеттемина. Син на Јосиф и Салома (но не Саломија Витлеемска), а брат на Јаков, братот Господов. Со Салома, ќерката на Ангеј (син Варахиин, Захариев), Јосиф дрводелецот имаше четири сина: Јаков, Јосија, Симон и Јуда. Овој Јуда понекогаш се нарекува и Јуда Јаковов, по брат му Јаков, којшто е попрочуен од него. Своето послание Свети Јуда го почнува вака: „Од Јуда, слуга на Исуса Христа, брат Јаковов.“ Иако и тој можеше да се нарекува брат Господов колку и Јаков, тој тоа не го правеше од смирение и срам, зашто во почетокот не Му веруваше на Господ Христос; и кога старецот Јосиф пред смртта сакаше да му даде дел од имотот и на Исус како на сите свои деца, сите па и Јуда, се спротивставија на тоа, освен Јаков, којшто драговолно одвои дел од својот имот и го намени за Исус. Јуда уште го нарекуваат и Левиј и Тадеј. Има уште еден Тадеј, од Седумдесеттемина апостоли (21 август), но овој Тадеј или Јуда когошто Црквата го слави на денешен ден беше еден од големите апостоли. Го проповедаше Евангелието по Јудеја, Самарија, Галилеја, Идумеја, Сирија, Арабија, Месопотамија и Ерменија. Во Едеса, градот на Авгар, ја дополни проповедта на оној другиот Тадеј. Кога проповедаше во пределите околу Арарат, го фатија незнабожците, го распнаа на крст и го убија со стрели, за вечно да царува во Царството Христово.