Инспекциска контрола во Леар по новиот случај на труење со храна

Инспектори за храна од Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Санитарната инспекција, во текот н вчерашниот ден направија вонредна инспекциска контрола во фабриката леар во Тетово, каде 23 лица пријавиле лесни симптоми на труење со храна. Направена е контрола во мензата каде се послужувала храна за вработените при што е констатирано дека истата била дистрибуирана, чувана и послужена во услови на соодветен температурен режим, во оригинално пакување, со адекватен рок на употреба.

Со извршената контрола во мензата каде се послужувала храната утврдено е дека истата ги исполнува соодветните хигиенски услови, поради што не е изречена мерка за нејзино времено затворање.

Со цел утврдување на причините за појавата на труењето, од страна на инспекциските служби земени се мостри за лабораториско испитување од храната која била послужена, од работните површини во мензата, како и од вработеното лице кое ја послужувало храната, а на кое му било извршено и дополнителен здравствен преглед

Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи да го следи случајот и да ја информира јавноста за секоја новина врзана со него.

Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира во услови на високи температури и зголемен ризик од расипување на храната и појава на труења, граѓаните да внимаваат од каде купуваат храна, односно истата да ја набавуваат од регистрирани оператори, каде се запазени безбедносните критериуми, како и да водат сметка на личната и хигиената при подготовка и чување на храната.