Средба на премиерот Заев со словенечкиот премиер Церар

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, по Самитот за Западен Балкан, синоќа, во Трст, имаше билатерална средба со претседателот на Владата на Република Словенија, Миро Церар.

Словенечкиот премиер изрази честитки за формирањето на новата Влада, во којашто се гледа можност за целосна стабилизација и напредок на Македонија.

Премиерот Церар оцени дека премиерот Заев води храбри и мудри политики, што е поздравено како отворање пат за интеграциите на Македонија кон НАТО и кон ЕУ.

„Владата работи на амбициозен реформски План 3 – 6 – 9, којшто е важен за евро-интеграциските процеси, но исто така и за економска стабилизација на граѓаните, претпријатијата и на државата. Се посветивме и на градење јасни и видливи, искрени, добрососедски односи, затоа што само преку пријателска регионална соработка, државите од регионот ќе бидат третирани како сериозни партери од меѓународната заедница. ЕУ и НАТО ја препознаваат добрата волја на Македонија и на земјите од соседството и оваа позитивна клима на доверба треба да се оправда, во интерес на добри перспективи за нашите граѓани“, рече премиерот Заев.

На средбата, премиерите на Македонија и на Словенија договорија продлабочување на соработката во сите области, посебно во економијата. Има согласност да се организира средба на премиерско ниво заедно со претставници на бизнис заедниците во двете земји, со цел дополнително да се поттикнат компаниите дека постојат услови за поинтензивна економска соработка и развој на бизнисите.

Премиерот на Словенија, Миро, соопшти дека Република Словенија продолжува силно да ја поддржува Македонија во остварувањето на стратешките евро-интеграциски цели. Премиерот на Македонија, Заев, се заблагодари за отвореното, долгогодишно пријателство со Словенија и цврстите заложби на Република Словенија да и помогне на Република Македонија во развојот на демократските процеси и аспирациите за членство во ЕУ и НАТО.