Советничката група на СДСМ Дебрца е против изградба на регионална депонија во Дебрца

Советничката група на СДСМ Дебрцa испрати соопштение до медиумие, во кое стои:

„Во врска со одржаната Јавна расправа по Студијата за влијанието на Интегрираниот систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион врз животната средина, на која како најсоодветна локација за изградба на регионалната депонија беше посочена локацијата во атарот на село Годивје, Дебрца како советничка група на СДСМ во Советот на општината Дебрца го поздравуваме секој проект кој е во правец на решавање на проблемите со управувањето со отпадот на регионално ниво, но сметаме дека посочувањето на Дебрца, како локација за изградба на регионалната депонија во најмала рака е несреќна замисла , несоодветна и неприфатлива од повеќе причини.

Прво, се работи за локација која се наоѓа во чиста, здрава животна средина и недопрена природа, односно целокупната област на Дебрца претставува своевиден споменик на природата.

Второ, избраната локација се наоѓа во сливот на Охридското езеро, кое е заштитено од УНЕСКО и во случај на хаварија на инсталацијата, кое и покрај ветувањето дека ќе биде изградена според највисоки еколошки стандарди не е неможно, може да доведе до големи штетни последици по животинскиот и растителниот свет во сливното подрачје и во самото Охридско Езеро.

Трето, локацијата е во непосредна близина на важната сообраќајна артерија од Коридорот 8, Автопатот А2 и изградбата на инсталацијата на таа локација е спротивно на еколошките стандарди, пропишани со националното законодавство и Директивите за животната средина на ЕУ.

Четврто, општина Дебрца е најмала општина по број на жители во Југозападниот плански регион и најмал создавач на отпад, што значи дека економски е неисплатливо отпадот од целиот регион да се носи и депонира во подрачје каде што не се создава, односно најмалку се создава.

Потполно ја разбираме потребата од воспоставување на интегриран систем на управување со отпадот, како и горливиот проблем со бројните диви и нестандардни депонии, чиј број значително е зголемен последниве години и во Дебрца, пред се поради неквалитетните комунални услуги на општинското комунално претпријатие, но сепак длабоко сме убедени дека изградбата на регионалната инсталација за отпад во срцето на Дебрца не може да се оправда со ниту еден сериозен параметар и критериум.

Бараме, градоначалникот на општина Дебрца јавно да се изјасни и ја отфрли оваа иницијатива, а претседателот на советот на општината свика седница на советот, на која советниците ќе се изјаснат по иницијативата.

Бараме по иницијативата да се изјасни и стручната и заинтересираната јавност од Дебрца и другите засегнати општини од регионот.

Крајно, ако е потребно, ќе побараме по иницијативата да се изјаснат и граѓаните на Дебрца, преку облиците на граѓанско изјаснување, согласно Законот за локалната самоуправа и Статутот на општина Дебрца.“– стои во соопштението.