Отворено ново детско игралиште во центарот на Охрид

Синоќа со пригодна свеченост, официјално беше ставено во функција новото детско игралиште во центарот на Охрид. Игралиштето во употреба го пушти градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

„Ми претставува особено задоволство и се чувствувам среќен, бидејќи денеска, заеднички и официјално свечено ќе го отвориме ова ново, прекрасно игралиште, кое ќе биде нова радост за децата.Сместено, овде во центарот на Охрид, во близина на езерото, со атрактивни реквизити, игралиштето на најмладите ќе им понуди забава и незаборавни моменти полни со среќни насмевки и детски жагор.

Децата се нашето богатство, нашата сегашност и иднина.Затоа ние како општествена заедница сме одговорни постојано да се грижиме за нив и да ги подобруваме условите за воспитување, образование и нивниот севкупен развој. Ова детско игралиште е уште еден пример на реализирање на тие заложби и нашите ветувања, а уште поважно е што овој проект се реализира со партнерство меѓу Локалната самоуправа и Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП)“ – истакна во своето обраќање Бакрачески.

Детското игралиште се состои од три сета играчки со платформи и лизгалки. Тоа е наменето за децата од Охрид и од многубројните туристи кои го посетуваат. Општина Охрид го обезбеди просторот и логистичката поддршка, додека играчките ги набави Македонската развојна фондација за претпријатија, како последователна активност на нејзините напори за локален економски развој базиран на туризмот. Освен ова игралиште, донаторите најавуваат поставување на дополнителни детски играчки како нишалки и вртелешки и на други локации во Општина Охрид.

Вкупните средства за реализација на овој проект изнесуваат околу 40.000 евра, кои во најголем дел ги обезбеди Македонската развојна фондација за претпријатија.