СДСМ: Трајкоски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да престанат да глумат лажни месии на Дебрца

ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Во врска со предлогот на Градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски за референдумско изјаснување на граѓаните на Дебрца за регионалната депонија, како и писмото на пратениците на ВМРО ДПМНЕ, Трајко Велјаноски, Илија Димоски и Антонио Милошоски во кое изразуваат наводна загриженост за Дебрца, истите сакаме да ги потсетиме дека сега е веќе предоцна да се промовираат во еколошки месии на Дебрца. Ако сакаа тоа да бидат, пратениците во изминатите 11 години, а градоначалникот во изминатите четири години, со конкретни дела можеа тоа да го направат. Напротив, сведоци сме дека истите со своето постапување или непостапување придонесоа за неколку еколошки катастрофи кои и се случија на Дебрца, како што се: отворање на асфалтна база покрај реката Сатеска, давање на концесии за експлоатација на минерални суровини на локации до населени места и верски светилишта, испуштање на отпадни води во Белчишкото Блато, уништување на Слатинското Езеро. Каде беа пратениците и зошто Градоначалникот Трајкоски не побара референдумско изјаснување кога револтираните граѓани беа против изградбата на асфалтната база во Ново Село? И не само тоа, да го потсетиме Трајкоски дека токму советниците од ВМРО ДПМНЕ, за ситни лукративни интереси дадоа согласност за изградбата на базата. Тогаш не се тангираа еколошките интереси на Дебрца!? Или тогаш на власт беше неговата партија и поважни беа личните, партиските и интересите на приватниот инвеститор и затоа не смееше да реагира?

Изработката на Студијата за еколошката оправданост за регионалното управување со отпад не е денешен проект. Тоа е проект на Министерството за животна средина од декември 2015 година. Трајкоски повеќе од година и пол е Претседател на Советот на Југозападниот плански регион и зошто до денес не реагираше на предложеното решение за село Годивје, како локација на регионалната депонија? Не реагираше затоа што неговата партија преку Министерството за животна средина го тераше тој проект?

Повеќе од очигледно е дека ваквото душегрижништво на Трајкоски и пратениците претставува политичко лицемерие од најдолен вид, политичко профитерство, со цел да се добијат ситни политички поени во пресрет на локалните избори.

Потполно ја разбираме загриженоста на граѓаните на Дебрца и ја поддржуваме секоја форма на изразување на нивното незадоволство, но цениме дека референдумското изјаснување во овој момент е непотребна алатка, од причина што одбраната на еколошка Дебрца треба да оди според логичниот редослед на правни чекори. Согласно одредбите на Законот за управување со отпадот, за да се воспостави регионален систем за управување со отпад, што подразбира формирање на институционални регионални тела и изградба на регионална депонија потребно е одлуки да донесат советите на сите општини од регионот. Тоа подразбира дека советот на општина Дебрца во секој момент има механизам да ја спречи изградбата на регионалната депонија на својата територија.

Исто така, одржувањето на референдумот во овој период речиси и да е невозможно, ако се има во предвид дека тоа ќе биде период на веќе распишани локални избори, кога Општинската изборна комисија, како надлежен орган за спроведување и на локалниот референдум ќе биде ангажирана во спроведувањето на изборните дејствија за локалните избори, согласно Изборниот законик.

Крајно, за да нема политички конструкции за нашиот став. Енергично сме против изградбата на регионална депонија во Дебрца од причините што ги образложивме во нашето претходно соопштение. За таа цел, нашата советничка група ќе побара советот на општината во оваа фаза да се изјасни по предложеното решение од Студијата и истото недвосмислено отфрли како неприфатливо за граѓаните на Дебрца. Во понатамошната постапка да се искористат другите законски механизми за еколошка одбрана на Дебрца, вклучително и изјаснување на граѓаните, доколку не се почитува волјата на граѓаните на Дебрца изразена преку одлуките на советот на општината.

Во таа прилика, принципиелно ќе побараме граѓаните на Дебрца на дополнителен референдум да се изјаснат и за изградената асфалтна база и доделените еколошки спорни концесии за експлоатација на минерални суровини.

Се друго ќе го сметаме за политичка манипулација со граѓаните на Дебрца.“ – се вели во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.