ЈП „Охридски Комуналец“ со реакција на соопштението од СДСМ

ЈП „Охридски Комуналец“ испрати реакција во врска со соопштението од СДСМ Охрид.

„Иако од СДСМ – Охрид многу добро знаат што направија и што оставија во јавното претпријатие Охридски Комуналец – Охрид, сепак да ги потсетиме:

– Задолжение по основ на хипотекарен кредит во банка, кој беше еднаш репрограмиран и не беше враќан, а дополнително беше оптеретен и со затезна камата. Ваквата состојба можеше да доведе до губење на дел од имотот на ова претпријатие;

– Судски извршни решенија, кои од ден на ден се зголемуваа, како завршуваа постапките;

– Заостаната неисплатена плата;

– Изгубена доверба кај добавувачите, со големи обврски кон нив, што влијаеше кон неможност да се спроведе јавна набавка, бидејќи ниту еден добавувач не се јавуваше на објавените огласи;

– Набавени стари и дотраени возила за подигнување смет, кои веќе не се користат.

Со промената на раководството во 2013 година, се пристапи кон систематско решавање на сите наведени проблеми и постепено унапредување на перформансите во сите сфери од неговото работење:

– Исплата на затезните камати, репрограмирање на кредитот и негова редовна исплата, така што истиот е веќе 70% вратен. На овој начин вратена е довербата на јавното претпријатие кај деловните банки;

– Постепена исплата на судските извршни решенија и навремена исплата на сите тековни обврски. На овој начин вратена е довербата кај добавувачите, што придонесе кон нормално извршување на јавните набавки, на кои се јавуваат повеќе добавувачи кои конкурираат меѓусебно со пониски цени;

– Јавното претпријатие не генерира нови судски решенија;

– Исплатена заостанатата плата, а тековните обврски по овој основ редновно се исплаќаат;

– Континуирано се обрнува внимание на намалување на непродуктивните трошоци како што се трошоците за телефонски услуги, трошоците за репрезентација, реклама и пропаганда.

– Благодарение на локалната самоуправа ЈП „Охридски Комуналец“ во изминатата година доби пет нови специјализирани возила за собирање смет што придонесе кон поефикасно подигнување на сметот и одржување на јавната чистота;

– Поставени се нови контејнери за смет и за селекција на отпад од пластика, стакло и хартија, како и корпи за ситен отпад. Поставени се подземни контејнери на предвидената локација. Подигањето на сметот се врши редовно според Програмата за работа на јавното претпријатие за 2017 година;

– Покрај редовното одржување на градското зеленило, во изминатиот период оплeменети се нови површини во центарот на градот и приградските населби. За да се задоволат потребите за хортикултурно уредување на зелените површини во градот и градските населби, значително е проширен асортиманот на расадничкото производство, а набавени се и нови алати и машини за одржување на зеленилото.

Со оглед на наведените факти, јасна е тенденциозната намера на соопштението на СДСМ во однос на раководството и работењето на ова јавно претпријатие. Деструктивното однесување на СДСМ – Охрид, во никој случај не придонесува кон унапредување на туристичката сезона која е во тек.“ – стои во реакцијата од ЈП „Охридски Комуналец“ – Охрид.