Министерката Шекеринска во официјална посета на Албанија

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска со пречек со највисоки државни почести и интонирање на македонската и на албанската химна ја започна својата официјална посета на Албанија, прва по стапувањето на функцијата министер за одбрана, во чии рамки оствари средба со министерката за одбрана на Албанија, Мими Кодели.

Двете министерки се согласија дека добрососедската политика дава позитивен импулс за безбедноста на регионот и неговата целосна интеграција во евроатлантските структури.

„Задоволство ми е што мојата прва официјална посета како министерка за одбрана ја правам на Албанија, што не е коинциденција. Тоа го потврдува и јасниот став на Владата на Република Македонија дека регионалната соработка е неопходна за просперитет на целиот регион“, истакна министерката по средбата.

„Со мојата колешка, министерката Кодели, разговаравме за неколку клучни области како справувањето со ризиците, борбата против фундаментализмот и справувањето со терористичките закани“, рече Шекеринска. Во таа насока, министерката Кодели истакна дека Албанија е подготвена да соработува со новата македонска влада во решавањето на предизвиците со кои се соочуваат и двете земји. „Јас сум убедена дека меѓусебната соработка, со Вас како министер, ќе се зголеми уште повеќе и дека ќе постои еден просперитетен однос помеѓу нашите две министерства и вооружени сили“, рече Кодели.

Во контекст на меѓусебните односи, министерката Шекеринска рече дека Владата на Република Македонија покажа јасен став дека соседите ни се потребни исто како што сме и ние ним.

Двете министерки разговараа и за потребата од интеграција на целиот регион во НАТО- алијансата со што ќе се зацврсти и безбедноста и просперитетот на Балканот и пошироко. „Приемот на Македонија во НАТО-Алијансата ќе значи еден нов импулс за безбедноста и стабилноста на регионот кој се покажа како круцијален во зачувувањето на безбедноста на Европа, особено од аспект на мигрантската криза“, рече министерката Шекеринска и посочи дека регионот може да просперира само ако е безбеден. Шекеринска додаде дека нашата држава вложува големи напори сите нотирани забелешки да бидат отстранети и изрази надеж дека новиот приод на Македонија кон добрососедските односи и кон решавањето на внатрешните предизвици ќе биде соодветно валоризиран од нашите партнери, за што е потребна силна поддршка од нашите блиски соседи и пријатели, како Албанија.

Министерката Кодели истакна дека ги цени напорите на Македонија за реформи во одбраната и ја охрабри нашата земји да продолжи на тој пат. „Албанија одблиску ги следи напорите на Македонија за членство во НАТО. Ќе бидеме силни поддржувачи на интеграцијата на Македонија во НАТО, а силно ја поддржуваме и политиката на отворени врати на Алијансата. Таа додаде дека интеграцијата на Македонија во евроатлантската организација е добра за Балканот, но и за Алијансата.

Во рамките на денешниот престој во Албанија, министерката Шекеринска ќе го посети и баталјонот на специјалните сили на албанските вооружени сили во Тирана, каде ќе биде изведена и показна вежба.