Назначен в.д директор на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид

Министерството за култура на Република Македонија донесе решение за разрешување на Горан Стојановски од функцијата директор на Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид. За вршител на должноста директор во оваа установа е назначен актерот Стрезо Стаматовски.

„Сметаме дека е од јавен интерес да образложиме и кои се дел од причините за разрешувањето на досегашниот директор Стојановски, утврдени според наодите на инспекциските служби, при што е констатирано е дека директорот на установата не го усогласил работењето согласно со законските одредби и Статутот на установата.“- велат од Министерството.

Имено, спротивно на Законот за култура, директорот не донел програма за работа на установата за 2016 г. и за 2017 година.

Освен тоа, директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“ не ги почитувал одлуките на Управниот одбор, конкретно за користење на службени мобилни телефони, како во однос на бројот на службени телефони, така и од аспект на надминување на дозволениот месечен максимум на трошоци утврден со одлуката.

Понатаму, спротивно на Законот за култура, директорот не спровел постапка за реаудиција за вработените уметници-актери.

Освен тоа, спротивно на Законот за работните односи, нема воведено електронски систем за евиденција на работното време за вработените во установата.

Министерството за култура потсетува дека именувањето на в.д директори, се прави со цел што побрзо ослободување на клучните институции, кои досега беа заробени од партиски кадри.

„Ја информираме јавноста дека во најскоро време ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, со цел да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори.“– додаваат оттаму.

По исполнување на законските услови, низ целосно отворен и транспарентен процес, Министерството за култура ќе распише конкурси и ќе спроведе постапки за избор и именување нови директори на националните установи.