СДСМ: Трајкоски ветуваше урбанизација на општината, а за четири години не е донесен ниту еден урбанистички план

Општинската организација на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Во изборната програма за локалните избори 2013, на страница 27, градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски ветуваше урбанизација на населените места во општината, со рок на реализација јуни 2015 година.

Во ноември 2013 година Трајкоски уште еднаш се пофали дека од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој се обезбедени средства за донесување на урбанистички планови за десетина села во општината.

По четири изминати години, факт е дека советот на општината не донесе ниту еден урбанистички план за село. За волја на вистината, беа донесени само неколку општи акти, со кои беше продолжена важноста на порано донесени урбанистички планови.

За каква урбанизација зборуваше Трајкоски, кога за четири години не може да заврши постапката за донесување на еден урбанистички план за село? И колку години ќе и бидат потребни на локалната власт во Дебрца да донесе урбанистички планови за сите триесет села!?

И не само тоа. Не беа донесени ниту ветените урбанистички планови за индустриската зона во Мешеишта, за откупните центри за земјоделски производи, за Слатинското Езеро (таму го снема и самото езеро), за вилската населба во Црвена Вода и други.

По локалните избори, новата локална власт, предводена од СДСМ, во функција на обезбедување подобри услови за економски одржлив развој и инвестиции ќе ги заврши сите постапки за донесување на урбанистички планови за село, во постапки кои во сите фази ќе бидат транспарентни, со задолжителна консултација на месните заедници, граѓаните и стручната и заинтересираната јавност и ќе прифати секоја иницијатива на заинтересирани инвеститори за донесување на локални урбанистички плански документации.“ – се вели во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.