Во среда ќе се одржи Илинденскиот пливачки маратон

Во организација на пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“ Охрид, а под покровителство на Советот на Општина Охрид, традиционално, по 38-ми пат, на 02.08.2017 год. (среда), на патеката Горица – Охрид во должина од 2,5 км, ќе се одржи Илинденскиот пливачки маратон Охрид 2017.

Своите пливачки способности и вештини ќе ги одмерат околу 60 пливачи од повеќе пливачки клубови од Македонија и странство, кои организирани во две возрасни групи (од 10 до 15 години и 16 и постари) ќе стартуваат во 10:30 и 10:45 часот од плажата на хотелот Парк.

Пристигнувањето на пливачите на целта на Градското пристаниште во Охрид се очекува да биде од 11:00 часот.

Учество ќе земат и три деца со посебни способности од Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“ кои во придружба на нивниот тренер ќе пливаат во водите на Охридското Езеро.